Филолошкиот факултат при УГД и Филолошкиот факултет на  Вороњежкиот државен универзитет во Вороњеж, Русија, по третпат ја организираат Меѓународната научна конференција „ФИЛКО – филологија, култура, образование“. Во два дена (четврток и петок, 26 и 27 април 2018 година) се поместени повеќе излагања на претставници од повеќе држави.

Ние како Филолошки факултет ја продолжуваме меѓународната соработка со Вороњежкиот универзитет и Филолошкиот факултет во Русија, со кои еве трета година по ред ја организираме конференцијата „ФИЛКО“. Целта е на едно место да ги собереме сите љубители на јазикот, без разлика дали се филолози, литералози или културолози. На тој начин ние се обидуваме да ја продолжиме мисијата на нашиот патрон Гоце Делчев, кој љубел да каже дека го разбира светот, единствено, како поле на културен натпревар. Ние ја продолжуваме неговата мисија и се надеваме дека достојно ќе ја извршиме. Имаме излагања од гости од целиот свет – Русија, Бугарија, Словенија, Турција, Германија, Франција, ќе се говори на различни теми и, се надевам, дека оваа наша средба ќе вроди со плод и ќе развие нови видици во однос на јазикот, кои ќе бидат предизвик за нашите млади истражувачи и нашите студенти – изјави проф. д-р Драгана Кузмановска, декан на Филолошкиот факултет.

Денеска имаме убава можност на Филолошкиот факултет да присуствуваме на отворањето на една многу значајна меѓународна конференција која веќе станува традиција на овој факултет, во поглед на интеркултурните врски што постојат меѓу јазичните групи во Европа и мислам дека е многу важно прашање да се промовираат овие интеркултурни врски во развојот на јазичните посебности на државите, бидејќи тие се основа за заедничкото живеење во ЕУ како заедница на различни јазични групи и различни народи. Меѓутоа, во секој случај треба да научиме да се разбираме и да живееме заедно со сите различности кои ги имаме во себе. Мислам дека со тоа придонесуваме многу, со поврзувањето на тие јазични групи и она што го прави Филолошкиот факултет е многу значаен инструмент во делот на промоцијата на јазиците – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

Конференцијата „ФИЛКО“ ја организираат заеднички Филолошкиот факултет при УГД и Филолошкиот факултет при Државниот универзитет во Вороњеж, Русија, кој посветува значајно внимание на соработката со универзитети од словенските земји, вели професор Жана Грачева од Вороњежкиот државен универзитет:

Филолошкиот факултет на Вороњежкиот државен универзитет има богати меѓународни врски, постојани контакти со Кина, Германија, но особено внимание посветуваме на словенските земји и контактите со нив. Многу добро функционираат летните школи за изучување на рускиот јазик, а исто така праќаме студенти на летни школи за изучување на други јазици. За нас е од особена важност што на нашиот Универзитет, на Филолошкиот факултет е отворен Балкански центар каде што се изучува и македонскиот јазик, а се јавуваме и како коорганизатори на конференцијата „ФИЛКО“. Ја користам оваа пригода да ги поканам наредната година колегите и магистрандите од УГД на нашата четврта конференција „ФИЛКО“, која ќе се одржи во Русија, во Вороњеж.

Третото издание на „ФИЛКО“ е збогатено и со промоција на „Речник на синонимите во македонскиот јазик“, чии автори се професорите Снежана Веновска-Антовска и Толе Белчев.

Навистина можеме да се пофалиме од Филолошкиот факултет при УГД дека направивме нешто, секако со помош и од студентите покажавме како сѐ она што теоретски го пренесуваме можеме да го работиме со студентите, до определена мера, а потоа професорите да покажат како тоа од теорија се преоѓа во практика. Ваков речник во македонскиот јазик досега немаше, па оттаму за мене и професорот Белчев претставува големо задоволство. Но секако, и голема благодарност до деканката Кузмановска и ректорот Боев што покажаа разбирање за вакви проекти, што поврзуваат неколку елементи – практичната работа, научната работа и теоретската работа во едно. Со тоа на нашите студенти им овозможуваме уште во клупа да се упатат кон користење на речници, но и кон изработка на речници, со една интенција да создадеме квалитетни кадри што ќе излезат од УГД и ќе бидат конкурентни на пазарот понатаму – изјави професор Веновска.

 

Технички секретар

Јасминка Миланова
Тел: +389 32 550 150
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

Студентски прашања

Штип - Влатко Берковски

Тел: +389 32 550 068

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Јулијана Денкова

Тел: +389 32 550 082

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Секретар

Виолета Шаклева

Тел: +389 32 550 021

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.