Традиционално, Филолошкиот факултет на УГД во соработка со Здружението на преведувачи и толкувачи „Вавилон“ на свој начин го означува објавувањето на Конкурсот за најдобар млад преведувач. Така и годинава, со организирање работилница на Филолошкиот факултет, беше презентиран Конкурсот пред студентите.
– Целта на овој Конкурс е промовирање на преводот на сите јазици кои се говорат во државата, на дела кои се објавени на сите европски јазици. Ова е веќе Конкурс кој има долгогодишна традиција, ова е 13. издание, кое го организира Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија. Тоа е Конкурс наменет за сите млади преведувачи, до 26 години, кои преведуваат од еден европски јазик на еден од јазиците кои се говорат во Македонија. Сите потребни информации можат да се најдат на нашата страница vavilon.mk, каде што се наоѓаат и критериумите за учество, образецот за пријавување. Тоа што треба да го направат заинтересираните е да најдат дело издадено во последните пет години, на еден од европските јазици, кое не е објавено и преведено во Македонија, да земат еден извадок до 5000 зборови, тоа е околу 15 страници, кое потоа го преведуваат. Рокот е до 31 јули – изјави проф. д-р Милан Дамјаноски, претседател на Организацискиот одбор на наградата Вавилон ЗПРМ.
Секоја година, објавувањето на Конкурсот е повод и за работилница со студентите на Филолошки факултет.
– Навистина ми е драго што ја продолжуваме традицијата на соработка со Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Тука ќе го претставиме нашиот Конкурс за најдобар млад преведувач и ќе разговараме за вештините, знаењата кои се потребни за еден добар млад преведувач, а потоа ќе одржиме и практична работилница каде што ќе се врши превод на кратки книжевни текстови.


