Секој сака сопственото име да му биде пренесено на точен начин во личните документи на латинична транскрипција.

Од ова тргнуваат и филолозите и научниците кои денес во Кампус 4 на УГД одржаа работилница на која дискутираа токму на оваа тема. Станува збор за исклучително значајна проблематика со која професионалците долго време се занимаваат. Работилницата денес ја организираа Филолошкиот факултет при УГД заедно со Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија. 

- Ние се залагаме да се отворат можности нашите преведувачи и толкувачи континуирано да се усовршуваат. Не е доволно само да се заврши факултет и со тоа да се заврши со образованието. Јазикот е жива материја, постојано се менува и потребно е постојана стручна надградба. За ова треба можности кои, за жал, во Македонија сѐ уште ги има малку. Сакаме да воведеме стандарди кај клиентите. Да ги освестиме клиентите што значи преведувањето и кој може да преведува - изјави Радомир Трајковиќ од Здружението на преведувачи и толкувачи.

Деканката на Филолошкиот факултет при УГД истакна дека станува збор за многу важна тема и дека од оваа соработка треба да произлезе и официјален документ кој ќе го регулира преведувањето на имињата во личните документи. 

- Филолошкиот факултет има профили за преведување и толкување и ние како филолози сме најзасегнати за оваа проблематика за којашто е загрижено и Здружението на преведувачи. Тоа е темата на преведување на личните имиња во официјалните документи. Тема која многу години наназад се провлекува и нема официјален став од ниту една институција. Ние ќе се обидеме како филолози, како факултет, заедно со Здружението да најдеме решение кое би можеле да го предложиме и да го официјализираме преку законски измени. Со тоа би можеле многу да им помогнеме на нашите идни кадри и на пазарот на трудот да му ја олесниме работата. Како што има правопис на македонскиот јазик, така и ова би било правописна книга за преведување на личните имиња - изјави деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Драгана Кузмановска.

Проф. д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик во Скопје истакна дека и Здружените и Филолошкиот факултет се на вистинскиот пат да воспостават стандарди во оваа област која досега не е регулирана.

- Голема благодарност до Здружението на преведувачи и толкувачи што го избрале вистинскиот пат. Без науката не може да се воспостави каква било дејност во јазикот. Ова е интересна и многу сложена тема. Голема благодарност и до Филолошкиот факултет во Штип што ја прифатија оваа покана. Ние филолозите ќе го кажеме својот збор за пренесување на личните имиња во официјалните документи. Секој од нас е засегнат со тоа како ќе му биде напишано името во личните документи. Познато е дека од 2008 година има биометриски патни исправи и дека со тоа веќе нашите имиња треба да напишани и со латинично писмо. Се надевам на крајот ќе се донесе решение за тоа како да се пренесуваат имињата и ќе бидат задоволени сите страни - изјави проф. д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Работилницата беше посетена од многу професори во средни училишта, ученици и голем број студенти. Според организаторите, на крајот од ова треба да излезе и документ кој ќе ја регулира оваа проблематика.

Технички секретар

Јулијана Денкова
Тел: +389 32 550 150
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

 

Студентски прашања

Штип - Влатко Берковски

Тел: +389 32 550 068

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Секретар

Виолета Шаклева

Тел: +389 32 550 021

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.