Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е местото каде што волјата на студентите за здружување и колективно дејствување во симбиоза со поддршката на професорите ја зачнаа идејата за формирање на книжевниот клуб „КУЛА“.

Замислата на проф. д-р Драгана Кузмановска, декан на Филолошкиот факултет, развиена и надградена од доц. д-р Ана Витанова-Рингачева, беше силен мотив вредните и неуморни студенти да ѝ дадат животворен дух и впечатлива боја. Потребата за споделување искуства, идеи и заложби, се наметна како императив за создавање катче во кое студентите своите индивидуални искуства ќе ги преточат во заеднички идеи, полезни за развој и збогатување на студентското и воопшто на општественото милје. Основната идеја е како студентите да се издигнат над сопствената пасивност и да дадат свој придонес во развојот на културните и образовните  концепти на нашето општество. Ненасилното наметнување на идејата за индивидуалната одговорност на секој од нас значи и природно развивање на чувството дека ЈАС, како индивидуа, можам да придонесам за менување на нештата. Пристапот кон културата и воопшто кон уметноста подразбира активен однос на единката, нејзин став, селекција, практикување, но и критика на одредени појави.

„КУЛА“ треба да биде простор каде што студентите ќе размислуваат, споделуваат и создаваат, простор во кој темите од културата, уметноста и литературата ќе добијат академски печат. Страниците на списанието ќе бидат достапни и отворени за сите студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, но и за наши колеги надвор од него. Студентите се најмоќниот движечки бран, плима која го бранува океанот, иако е огромен и недогледен. Сакаме тие да бидат светилници покрај брегот, знаци покрај патот, со мисија да ги освојуваат недогледните светови кои секој од нив индивидуално ги набљудува. Списанието „КУЛА“ би требало да биде некаков вид на заштитена зона на студентите, во која ќе мудруваат, креираат, споделуваат, но и ќе се забавуваат.

Кулите во суштина се градби кои по својата висина се над другите околу нив и нивната функција е да обезбедат видливост, јасна  и чиста глетка до линијата на хоризонтот. Списанието „КУЛА“ е метафора на способноста на окото на студентот да го дофати и недофатливото. Кулите со фенер на врвот, градени на бреговите, импозантни градби се и следејќи ја нивната светлина морепловците пристигнувале на копното. Кулите-светилници симболично значат извори на знаење, мудрост, семоќна светлина која осветлува недогледни ширини.

Доц. д-р Ана Витанова-Рингачева

Како почнавме да градиме КУЛА

Сакате да читате книги? - ги прашавме студентите. Одговорот беше - ДА! Имате ли круг на пријатели кои, исто така, уживаат во книжевните дела?-ИМАМЕ! Тогаш, соберете ги сите ваши пријатели за кои знаете дека ќе бидат заинтересирани и го закажуваме првиот состанок. Така и беше. Едноставно СЕ РОДИ КУЛА! ЗОШТО ЈА ОСНОВАВМЕ? За да читаме повеќе. Имаме список на книги кои сме ги прочитале, а и доста голем дел за кои сме слушнале препораки. Основањето на овој книжевен клуб е одлична мотивација да се дружиме повеќе со книгата отколку со телевизорот или интернетот. Ние сакаме да откриваме нови книги, да бидеме во тек со настаните и да знаеме што е ново на книжевниот пазар. Да откриваме нови книги кои ќе ни го одземаат здивот и нови работи што ќе ни се допаѓаат. Да читаме, да сонуваме и да бидеме отворени за нови поинакви авантури. Со овој клуб ќе бидеме присутни на исто место во исто време, така сè повеќе и повеќе ќе се дружиме и ќе го зацврстиме нашето пријателство. Едноставно ќе ни „лета" времето. Секоја прочитана книга ќе ни биде ново искуство во животот, рамно на патување до некоја далечна дестинација во светот. Ќе искусуваме нешто ново, ќе се внесуваме во сосем незнаен свет за нас, и најважно од сè, ќе си го збогатуваме сопствениот речник. Плус, во какви било социјални збиднувања совршено ќе можеме да се вклопиме, дискутирајќи за најновата книга што сме ја прочитале и најновите теми што сме ги обработиле. Книжевниот клуб „КУЛА“ се формира за да се развие креативноста кај студентите, да се поттикне критичкото размислување, како и да се подобри процесот на формулирање и дизајнирање на мисли, програми и активности. Секој месец, нова книга и нова тема! Ќе работиме на зачувување на македонскиот јазик, македонскиот збор, но и ќе се запознаваме со светските јазици и култури. Ќе соработуваме со здруженија ширум Македонија, ќе организираме поетски читања и гостувања. Ќе работиме на издавање книги. Ќе разговараме за филм, театар, музика и сликарство и ќе навлегуваме сѐ подлабоко и подлабоко во КУЛА, односно во водите на културата, уметноста и литературата кои ќе ни бидат светли страни кон она што ќе сакаме да го прикажеме и покажеме.

Од студентите – неимари на новата КУЛА

ИМПРЕСУМ

Главен и одговорен уредник:

Викторија Мрмеска

Уредник:

Бобан Перески

Редакција:

Ивана Карова

Андреј Јанков

Димитриј Георгиев

Розета Мицева

Основна идеја:

Проф. д-р Драгана Кузмановска

Разработка на идеја, назив и содржина:

Доц. д-р Ана Витанова-Рингачева

Технички секретар

Јулијана Денкова
Тел: +389 32 550 150
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

Студентски прашања

Штип - Влатко Берковски

Тел: +389 32 550 068

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Секретар

Виолета Шаклева

Тел: +389 32 550 021

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.