Честопати велиме дека студентите се најпрогресивната и револуционерна сила, која може да донесе позитивни промени во едно општество, а воедно и да придонесе за темелна промена на општествената матрица.

Ваквата размисла прозвучува како флоскула, бидејќи поновата историја на студентското организирање во Македонија испишува страници кои сведочат за политизација на слободоумната мисла на студентот. Можеби и од таа причина, прогресивните млади сили се слабо мотивирани да ја насочат својата младешка енергија кон промена на таквите концепти.
Младиот човек треба да биде идеалист по убедување, да верува во своите способности да ги промени нештата во светот. Така и ги насочуваме нашите студенти, со отворени дланки и отворен ум да „грабаат“ знаења, идеи, никогаш да не се штедат себеси кога е во прашање учењето, со страст да ѝ пристапат на својата идна професија, да бидат љубопитни, а не рамнодушни кон себе и кон случувањата околу себе. Студентите го имаат најсилното оружје во своите раце, тоа е слободната мисла.  Еден од начините да им се отстапи простор на студентите за да се изразат е просторот во студентските списанија, кои некогаш биле мегдан за „борба“ на прогресивни мисли и идеи, а денес се згаснати и заборавени. Студентските списанија денес ги има многу малку и како да поминуваат сосема незабележано од страна на заедницата. Тие се згаснати вулкани, во длабочината на мислата срочена во нив се крие сила што може да предизвика тектонски општествени поместувања во иднина. Токму затоа, списанијата во кои зборот на студентите гласно одекнува треба да бидат сфатени сериозно и да бидат поддржани од професорите и од раководните тела на факултетите и универзитетите.

Страниците на студентските списанија треба да понудат и простор за критика, различни размислувања, вкрстување на идеи, едукација, промоција и простор за информирање. Да се подготвува студентско списание, да се размислува за него, да се планираат содржини, истовремено значи и поттикнување на самоиницијативноста кај студентите, категорија која сѐ повеќе се оддалечува од профилот на студентот.

Токму горенаведените постулати беа поставени во основата кога на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип почна да се размислува за студентско списание. Филолошкиот факултет е местото каде што волјата на студентите за здружување и колективно дејствување, во симбиоза со поддршката на професорите ја зачнаа идејата за формирање на Книжевен клуб „КУЛА“. Замислата на проф. д-р Драгана Кузмановска, декан на Филолошкиот факултет, развиена и надградена од доц. д-р Ана Витанова-Рингачева беше силен мотив вредните и неуморни студенти да ѝ дадат животворен дух и впечатлива боја.

Така и почнавме. Имавме чувство дека студентите посакуваат да имаат свој простор, место каде што ќе развиваат идеи, надвор од своите редовни задолженија како студенти. Тие секогаш имаат што да кажат, нивната мисла е неверојатно мотивирачка, но ним им треба слушател и некој што ќе ги поддржи и ќе им каже дека се на добар пат. Така почна да функционира Книжевниот клуб „КУЛА“, а списанието е негово „книжевно чедо“. Во рамките на активностите во Клубот ги бележиме гостувањата на наши познати писатели, научници и уметници. Разговорот на нашите студенти со нив, споделувањето на нивните животни приказни, се најголемата придобивка од таквите средби. Оттука произлегуваат активностите на студентите, интервјуата и текстовите што подоцна наоѓаат свое место на страниците на списанието „КУЛА“. Така студентите навлегуваат во суштината на науката за јазикот и книжевноста, учат за богатството на нашиот јазик и неговата неисцрпност.

На страниците на „КУЛА“ има простор за актуелните случувања во рамките на Филолошкиот факултет, какви што се: предавањата надвор од редовната програма, активностите на студентите и професорите, литературното катче, простор за осврти и размислувања на студентите, искуствата на нашите студенти при реализација на студентските размени,  како и искуствата на странските студенти што студираат кај нас. Студентската размена не е само физичко поместување на студентот од едно на друго место, таа подразбира и размена на вредности на полето на општественото, образовното и културното живеење. Што може студентот да понесе од својата земја како придобивка и да му го понуди на светот, а што да понесе со себе кога ќе се врати на својот матичен факултет – тоа е суштината на таквата размена.

Потребата од споделување искуства, идеи и заложби се наметна како императив за создавање катче во кое студентите ќе ги преточат своите индивидуални искуства во заеднички идеи, полезни за развој и збогатување на студентското и воопшто на општественото милје. Основната идеја е како студентите да се издигнат над сопствената пасивност и да дадат свој придонес во развојот на културните и образовните концепти на нашето општество. Ненасилното наметнување на идејата за индивидуалната одговорност на секој од нас значи и природно развивање на чувството дека ЈАС, како индивидуа, можам да придонесам за менување на нештата. Пристапот кон културата и воопшто кон уметноста подразбира активен однос на единката, нејзин став, селекција, практикување, но и критика на одредени појави.

„КУЛА“ им го дава на студентите просторот во кој размислуваат, споделуваат и создаваат, простор во кој темите од културата, уметноста и литературата добиваат академски печат. Страниците на списанието се достапни и отворени за сите студенти при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, но и за наши колеги надвор од него. Студентите се најмоќниот движечки бран, плимата што го бранува океанот, иако е огромен и недогледен. Сакаме тие да бидат светилници покрај брегот, знаци покрај патот, со мисија да ги освојуваат недогледните светови кои секој од нив индивидуално ги набљудува. Списанието КУЛА го замисливме како заштитена зона на студентите, во која мудруваат, креираат, споделуваат, но и се забавуваат.
Кулите во суштина се градби што по својата висина се над другите околу нив и нивната функција е да обезбедат видливост, јасна и чиста глетка до линијата на хоризонтот. Списанието „КУЛА“ е метафора на способноста на окото на студентот да го дофати и недофатливото. Кулите со фенер на врвот, градени на бреговите, импозантни градби, па следејќи ја нивната светлина, морепловците пристигнувале на копното. Кулите-светилници симболично значат извори на знаење, мудрост, семоќна светлина, која осветлува недогледни ширини.

КУЛА бр. 2 (.pdf)

Технички секретар

Јулијана Денкова
Тел: +389 32 550 150
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

 

Студентски прашања

Штип - Влатко Берковски

Тел: +389 32 550 068

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Секретар

Виолета Шаклева

Тел: +389 32 550 021

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.