-
Создадено: Петок, 07 Мај 2021
На 7 мај 2021 година на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Штип се одржа јавна одбрана на магистерскиот труд на кандидатката Маријана Горгиева-Ристевска на тема „Семиологија на неантропоморфниот лик во романите на Венко Андоновски“.
Јавната одбрана на магистерскиот труд беше спроведена по електронски пат на платформата Microsoft Teams.
Магистерскиот труд на кандидатката Маријана Горгиева-Ристевска обработува тема од современата македонска книжевност од аспект на наратологијата и тоа за романите на еден од македонските најреномирани писатели – Венко Андоновски. Трудот на Горгиева-Ристевска е изработен под менторство на професорот Ранко Младеноски, а јавната одбрана се спроведе пред Комисијата во состав: проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска – претседател, проф. д-р Ранко Младеноски – член и доц. д-р Ана Витанова-Рингачева – член.
За време на одбраната на магистерскиот труд на кандидатката Маријана Горгиева-Ристевска, членовите на Комисијата нагласија, меѓу другото, дека во магистерскиот труд се елаборира тема којашто до сега не била подложена на посериозни книжевно-историски и книжевно-теориски анализи и интерпретации и дека кандидатката успеала да ја докаже суштинската наративна улога на неантропоморфните ликови како значаен структурен елемент во четирите романи на Венко Андоновски: „Азбука за непослушните“ (1994 година), „Папокот на светот“ (2000 година), „Вештица“ (2006 година) и „Ќерката на Математичарот“ (2013 година).
На крајот, членовите на Комисијата заклучија дека кандидатката Маријана Горгиева-Ристевска го одбрани успешно својот магистерски труд и се стекна со звање магистер по филолошки науки од областа македонска книжевност.