-
Создадено: Четврток, 01 Јули 2021
„Сѐ уште во неверување и со голема тага и загуба ја споделуваме веста за прераното заминување на проф. д-р Виолета Димова, прва деканка на Филолошкиот факултет при УГД. Професор, научен работник, методичар, книжевник и лингвист. Неколку месеци претходно заедно ја осмислувавме првата, ударна реченица за тажната вест за нашата професорка Жане, проф. д-р Снежана Веновска-Антовска. Драга колешке, и уште помила пријателке, морам ова да го напишам сама. Мораме да создадеме нешто сами, а во нејзина чест, онака како што таа ни остави аманет да функционираме – секој во својата област, а сепак сите заедно во еден тим. Нејзиниот спомен и нејзиното дело остануваат засекогаш“ – изјави деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Драгана Кузмановска на настанот одржан во чест на проф. д-р Виолета Димова, која почина на 7 мај годинава. Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на посебен начин се прости и се потсети на проф. д-р Виолета Димова, со прикажување на краток филм посветен на Димова, книга која исто така е посветена на прерано починатата професорка. На настанот се обрати и ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, како и најблиската соработничка на Димова, професорката Луси Караниколова-Чочоровска. На членовите на семејството на проф. Виолета Димова им беше предадена плакета, како и првиот примерок од книгата посветена на неа.
Проф. д-р Виолета Димова голем дел од својот работен век го помина токму на Филолошкиот факултет при УГД, оставајќи длабок печат со својот ангажман, со својот однос како со колегите на Факултетот и на Универзитетот, така и со генерациите на студенти кои ги учеа македонскиот јазик и светската книжевност под нејзино менторство. Проф. д-р Виолета Димова учествуваше во основањето и беше прв декан на Филолошкиот факултет при УГД. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови од областа на методиката и теоријата на книжевноста, а добитник е и на Меѓународната награда „Ана Франк“ за посебен придонес во интерпретацијата на литературата за деца.