-
Создадено: Среда, 30 Март 2022
Во чест на месецот на жената и јубилејот 15 години УГД, Универзитет којшто силно ја поддржува еманципацијата на жената во општеството, Филолошкиот факултет одржа вебинар на тема: „Жената во фразеолошкиот корпус на македонскиот, германскиот, англискиот, италијанскиот, шпанскиот и турскиот јазик“.
Студентите (Маријана Николова, Верица Милорадова, Зорица Иванова, Ребека Спасова, Ване Дериволов, Македонка Стојанова, Ана Костова Бабиќ, Александра Минкова, Лидија Таушански, Загорка Манчева, Марија Цветкова, Елена Трајковска, Марта Митрова, Мила Калајџиева, Драгана Васева, Бурчин Пашова и Јована Митровска) под менторство на професорите направија истражување на фразеолошкиот корпус на јазикот што го изучуваат, а во кој жената е претставена во позитивен или во негативен контекст.
Деканката проф. д-р Драгана Кузмановска имаше кратко излагање за улогата на жената во литературата и воопшто во општеството.
Сите лица на жената, сите нејзини улоги и секако сите нејзини лични и колективни извишувања, беа срочени во прекрасни аудио-визулени приказни.
Жената успеа да се избори за своја сопствена соба за која мечтаеше Вирџинија Вулф, таа ќе стане нејзина интима во која жената ќе биде сама со својата творечка енергија, којашто е доволно силна да ја извлече од дното на анонимноста и безименоста, опасно храбра да ја убие рамнодушноста на светот кон неа, да ја разбуди заспаната свест и да ја отклучи заробената слобода на мислите, со клучот за кој самата се избори да го пронајде.
Вебинарот го проследија повеќе од 120 студенти и средношколци.