-
Создадено: Среда, 11 Мај 2022
- Нашето траење низ времињата било возможно само заради тоа што народниот јазик ни бил потпора, сме живееле со песните, приказните, легендите, верувањата, обичаите, ората, носиите и низ сето она што традицијата ни го сочувала и ни го дала, како кога старица од пазувите вади корка леб како понада за гладна душа. Токму таму, во традицијата е коренот на нашиот македонски јазик, кој во време кога неговата кодификација станува нужност, добива легитимитет на официјален литературен јазик на македонскиот народ. Македонскиот јазик е природна творба создадена од жив извор, чија издашност не се намалила до денес. Тој природно се храни од традицијата, од живиот говор на говорителите, кои по природен пат им го пренесуваат на своите потомци. Продорен е стихот на Конески во поемата „Ракување“: О, треба да сме триж силни по дух, / деца на мало, потиснато племе...“. Тоа се тие деца, родени, задоени и израснати со зборот на мајките, кои на најубав чист македонски јазик им пееле заспивалки, им шепотеле додека ги доеле, ги нишкале во пазувите за да заспијат, сонувајќи утро.
доц. д-р Ана Витанова - Рингачева
Од беседата за македонскиот јазик по повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик.