-
Создадено: Среда, 26 Октомври 2022
Студентите од Филолошки факултет - Катедра за италијански јазик и книжевност, Технолошко-технички факултет, како и од Музичка академија и Ликовна академија беа дел од настанот „Младите и Италија - една инспирација, многу приказни“ што се одржа по повод XXII Неделата на италијанскиот јазик во светот.
Амбасадорот на Република Италија во Република Северна Македонија, Андреа Силвестри, истакна: - Навистина сум задоволен што во Штип се изучува италијанскиот јазик и морам да ги пофалам професорките од Катедрата за италијански јазик и книжевност кои се многу активни и секоја година ги организираат настаните поврзани со Неделата на италијанскиот јазик.
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, посочи дека соработката меѓу двете институции е исклучително значајна за студентите кои имаат можност преку програмите за размена на студенти да го продолжат своето студирање во Италија.
Доц. д-р Весна Коцева заедно со студентите Марија Цветкова, Меланија Спасова и Загорка Манчева ги претставија карактеристиките на говорот на младите во Италија. Студентите Емилија Симеонова, Зујца Манчева, Марија Коцева и Теодора Тодосовска читаа и презентираа превод на песни од италијански на македонски јазик од млади автори, под менторство на доц. д-р Јована Караникиќ Јосимовска.
Студентие Софија Јакимова (на виолина), Никола Чедомировски и Благица Јорданова, во придружба на проф. Невенка Дуковска (на пијано) ги претставија музичките дела Концерт in A minor од Вивалди, Serenate од Маскањи и O mio babbino caro од Пучини.
Студентките Цветанка Стоилова и Снежана Петрова читаа извадоци од преводот од италијански на македонски јазик на романот „L’acqua del lago non è mai dolce“ од Џулија Каминито. Преводот на студентката Стоилова беше награден на Конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон“ 2022 г.
Настанот го збогати и презентацијата „Една библиотека, многу приказни: Како ја најдов Rime, et prose del 1589?“, на гостите од Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Магдица Шамбевска, Милица Ивановска и студентката Цветанка Димовска ја претставија дигиталната колекција на книги и антички ракописи на италијански јазик.
На крај проф. д-р Марија Ќертакова, со студентите од Технолошко-техничкиот факултет, ги претставија креациите инспирирани од модата на младите во Италија.
Гостите можеа да уживаат во изложбата на слики и скулптури изработени од студентите од Ликовната Академија кои црпеле инспирација од богатото италијанско ренесансно творештво.