-
Создадено: Среда, 29 Ноември 2017
Во рамките на потпишаниот Договор за соработка помеѓу Филолошкиот факултет при УГД и Филозофскиот факултет во Ниш, со свои предавања на Филолошкиот факултет при УГД гостуваа проф. д-р Снежана Милосављевиќ-Милиќ, доц. д-р Јелена Јовановиќ и доц. д-р Снежана Божиќ од Филозофскиот факултет во Ниш.
Доц. д-р Снежана Божиќ имаше предавање на тема „Хипертекстуалноста и наставата по книжевност (интернетот како наставно средство)“, а проф. д-р Снежана Милосављевиќ пред студентите говореше за „Когнитивните претпоставки на посткласичната наратологија“.
Посетата на професорките од Ниш заврши со предавањето по повод 125 години од раѓањето на нобеловецот Иво Андриќ, кое го имаше доц. д-р Јелена Јовановиќ.
- Оваа година прославуваме голем јубилеј, 125 години од раѓањето на Иво Андриќ, единствениот нобеловец од овие простори. Како предавач сметам дека е неопходно младите студенти да ги запознаеме со делото на Иво Андриќ. Иво Андриќ, пред сѐ, е познат како книжевник, но не само што е писател и книжевник тој е и раскажувач, поет, есеист, критичар. Како романописец е најпознат по „Мостот на Дрина“, „Травничка хроника“, „Проклета авлија“, но тој беше и ангажиран интелектуалец на своето време кој влијаел на обликувањето на идентитетот не само на српскиот, туку и на сите балкански народи – изјави доц. д-р Јелена Јовановиќ.
Задоволство од соработката изрази и деканката на Филолошкиот факултет, доц. д-р Драгана Кузмановска, која рече дека очекува позитивни ефекти од потпишаниот договор меѓу двата факултета. Задоволство, како иницијатор на гостувањето на професорките од Филозофскиот факултет во Ниш, искажа и проф. д-р Виолета Димова, шеф на Катедрата за македонски јазик.
- Задоволството е огромно, бидејќи ние се надеваме дека во иднина ќе направиме и Еразмус размена, која ќе придонесе за продлабочување на поврзувањето на универзитетите на овие бивши југословенски простори. Соработката ја започнавме во мај оваа година, кога јас и деканката бевме во Ниш и одржавме предавања – изјави проф. д-р Виолета Димова.
Очекувањата од соработката меѓу двата факултета се на високо ниво и кај професорките од Ниш.
- Ова е само втор чекор во соработката што започна во мај, нашата намера е пред сѐ нашите факултети да продолжат со соработка на сите нивоа – на ниво на наставнички кадар, но за нас е посебно важна соработката меѓу студентите, размена, можност да разменуваат искуства, да се посетуваат, да разменуваат теми од областа на науката и мислам дека во тој правец ќе оди нашата соработка во иднина – изјави доц. д-р Снежана Божиќ од Филозофскиот факултет во Ниш.