-
Создадено: Вторник, 19 Декември 2023
Филолошкиот факултет при УГД, преку својата Катедра за турски јазик и книжевност, го одбележа 21 декември - Денот на турското образование во Македонија.
„Турците кои живеат во Македонија веќе 15 години преку различни настани низ целата земја го одбележуваат 21 декември - Денот на турското образование. Во Македонија по Втората светска војна во градовите каде што живее турската заедница почнуваат да се отвораат турски училишта. Меѓу првите е училиштето во Тефејуз, кое е отворено на 21 декември 1944 година и поради тоа овој датум се зема како Ден на турското образование во Македонија. Катедрата за турски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет на УГД го одбележа денот со програма која вклучува фолклор, музика, поезија од поети од Турција, како и со поезијата од Ацо Шопов“, изјави професорот Махмут Челик од Катедрата за турски јазик и книжевност.
На одбележувањето им беа доделени благодарници на професорите кои придонеле за развојот на Катедрата за турски јазик на УГД. Директорот на „Јунуз Емре“ му додели пригоден подарок и на ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
„На настанот присуствуваа не само студенти од Филолошкиот факултет, туку и студенти од Турција кои студираат и на другите факултети. Се надеваме дека тие и понатаму ќе бидат во добра соработка со Универзитетот, ќе придонесуваат и за градот. Инаку, како што гледате, секоја година доаѓаат сѐ повеќе студенти од Република Турција. Јас сум координатор за овие странски студенти, честопати сум во контакт со нив. Имаме анкети, кои ги правиме со нив, и тие постојано кажуваат колку градот и Универзитетот, професорите, се добро настроени кон нив, така што тие своите впечатоци им ги пренесуваат на своите блиски и роднини во Турција и им предлагаат да дојдат и да студираат во нашиот град, на УГД“, додаде професорот Махмут Челик.