На Филолошкиот факултет на УГД беше промовиран „Зборникот на научни трудови“ од Меѓународната научна конференција посветена на Ацо Шопов.

Според деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска, ова е уште еден начин да се остави заслужена трага од еден научен и културен настан посветен на еден штипјанец, штипски и македонски интелектуалец.

„Сите овие настани се поврзуваат со оваа 2023 година, која во македонската култура се одбележува како Година на Шопов, 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Ние сме единствената институција во Македонија, Филолошкиот факултет на УГД, која одржа конференција посветена исклучиво на Шопов. Во таа смисла, ова е практично втор настан поврзан со конференцијата која се одржа во мај. Во меѓувреме, пред еден месец имавме промоција на книга која беше поврзана со животната и творечката биографија на Ацо Шопов. Со Зборникот оставаме трага од еден научен и културен настан посветен на еден штипјанец, штипски, македонски интелектуалец и сметам дека со оглед на тоа што Зборникот брои 43 труда е голем влог во македонската литература на 20 и 21 век кога е во прашање творештвото на Ацо Шопов“, истакна Караниколова- Чочоровска.

„Зборникот содржи 43 труда и реферати и дава нов придонес и импулс за живеењето на делото на Ацо Шопов, но и можност за понатамошно проучување“, вели промоторот на Зборникот, проф. д-р Светлана Јакимовска:

„Овој Зборник претставува збир на трудовите и рефератите кои беа претставени на Конференцијата што се одржа на 25 и 26 мај оваа година. Тоа беше начин нашиот Филолошки факултет во рамките на УГД да му оддаде признание и почит на овој наш реномиран поет. Во таа смисла, се пројави огромен интерес за Конференцијата, па во Зборникот се поместени дури 43 трудови кои се поделени во неколку поглавја. Еден дел го проучува делото на Шопов од јазичен, лингвистички аспект, дел од трудовите се посветени на литературните проучувања, дел и на преводите и на неговото значење во современиот образовен систем. Исто така, во овој Зборник се вклучени и трудовите на колеги и колешки кои учествуваа и се вклучија и од странство. Имавме предавања од Америка, Канада... Тоа значи дека делото на Шопов поради неговото значење живеело, живее и се надеваме дека со овој наш придонес ќе дадеме можност и понатаму да биде предмет на проучување“.

Јасмина Шопова, ќерка на Ацо Шопов, изрази задоволство што во последниов месец веќе трет пат е во Штип и што одбележувањето на ликот и делото на Шопов добива и академско ниво, со настаните кои ги организираше Филолошкиот факултет на УГД:

„Јас сум посебно почестена што сум тука. Во Штип во последниов месец сум трет пат и мислам дека најинтензивно досега што градот му оддал почит на Шопов е оваа година, што се подразбира. Штип секогаш се оддолжува кон Шопов, како што и тој се оддолжил кон Штип и Македонија, така што се чини тука односите се рамномерни. Но годинава сакам да потенцирам дека навистина  на академско поле најмногу направи Штип, бидејќи Филолошкиот факултет е тој што организираше Меѓународна конференција и еве денес се промовира и Зборникот, колку што знам првпат. За тоа сум многу благодарна, бидејќи со тоа се опфаќаат и најмладите генерации, студентите, а на младите светот останува“, рече Шопова.

Технички секретар

Јулијана Денкова
Тел: +389 32 550 150
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

 

Студентски прашања

Штип - Влатко Берковски

Тел: +389 32 550 068

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Секретар

Виолета Шаклева

Тел: +389 32 550 021

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.