-
Создадено: Понеделник, 18 Декември 2017
Студентите, средношколците и сите граѓани ќе имаат простор каде што ќе можат одблизу да се запознаат со турската култура, традиција и литература.
Турското катче, кое денес беше отворено во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“, е местото кое ќе им нуди големи можности на сите за подобра соработка и полесно изучување на турскиот јазик.
- Би сакала да истакнам дека сум особено среќна што сум овде на УГД. Катчето е резултат на соработката меѓу Универзитетот и Институтот „Јунуз Емре“ во Скопје. Верувам дека ова ќе придонесе за зајакнување на културните односи меѓу двете земји. Ова ќе придонесе и за студентите и за нашите сограѓани во Штип - истакна амбасадорката на Турција во Република Македонија, Тулин Еркал Кала.
Универзитетот „Гоце Делчев“ е познат по одличната соработка со студентите од Турција и затоа има голем број турски студенти кои се дел од УГД.
- Во изминатите години на УГД се пријавиле и се запишале повеќе од 400 студенти од Турција. Во моментот има 120 активни турски студенти, а оваа година се пријавија и веќе го изучуваат македонскиот јазик околу 60 студенти. Станува збор за еден исклучителен настан за почитување на традицијата, културата, вредностите, јазикот и идентитетот на еден народ и концептот на отворањето на ова катче е по истиот концепт на кој веќе е отворено и Американското катче - изјави проректорот на УГД проф. д-р Кирил Барбареев.
Турското катче ќе биде можност не само за студентите по туркологија, кои се дел од Филолошкиот факултет при УГД, туку и за сите останати заинтересирани граѓани од Штип и пошироко.
- Сметаме дека кршењето на јазичните бариери е од огромна важност. Ние како Филолошки факултет ја играме таа улога. Потпишавме Договор со Институтот „Јунуз Емре“ и ова е производ на неколкугодишна соработка. Ова катче ќе им служи на студентите од Групата за турски јазик, но и на сите наши студенти, средношколци и граѓани - изјави деканката на Филолошкиот факултет при УГД, доц. д-р Драгана Кузмановска.
Со оглед на тоа дека катчето ќе биде отворено и за граѓаните на Штип, денес на отворањето беше присутен и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој истакна дека соработката со Амбасадата на Турција би можела да се продлабочува во повеќе насоки.
- Најпрвин да ѝ се заблагодарам на амбасадорката на Турција што дојде во нашиот град. Ние сме сведоци дека има студенти од Турција и драго ми е што се овозможува ваква значајна просторија за студентите. Денеска оваа можност ја искористив и да остварам кратка средба со амбасадорката на Турција, со која би можеле да ја продлабочуваме соработката - изјави градоначалникот Бочварски.
Турското катче од денеска е во функција на Кампус 4 на Универзитетот „Гоце Делчев“, а отворено е за сите студенти и граѓани.