-
Создадено: Петок, 20 Декември 2024
На 17 декември 2024 година Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ и Турското катче на Институтот „Јунус Емре“ во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ заедно го прославија Денот на образование на турски јазик во Македонија.
Во организацијата и реализацијата на прославата се вклучи наставничкиот кадар на Групата за турски јазик и книжевност, проф. д-р Махмут Челик, проф. д-р Марија Леонтиќ, д-р Дујгу Чагма, м-р Ивана Велкова и наставничкиот кадар на Турското катче на Институтот „Јунус Емре“ во рамките на УГД, м-р Рабиа Рушид и студентите од Групата за турски јазик и книжевност.
Програмата беше богата со турска поезија и турска музика. На овогодишната програма се славеше 140 години од раѓањето на турскиот поет Јахја Кемал Бејатли, 130 години од раѓањето на народниот поет Ашик Вејсел, 120 години од раѓањето на турскиот поет Неџип Фазил Кисаќурек и 110 години од раѓањето на поетите Орхан Вели Каник и Октај Рифат Хорозџу. На оваа програма се одбележуваше и 70 години од смртта на турскиот поет Саит Фаик Абасијаник и 40 години од смртта на поетот Умит Јашар Огузџан. Од овие поети студентите на Групата за турски јазик и книжевност Мелике Абдураманова, Нихат Реџепов, Мине Зурапова, Есра Алиова, Јована Митровска и Љутфије Бозатџи читаа по една песна. Се слушаше и музичка извебна на песните на Ашик Вејсел.
На крајот од програмата, учесниците и гостите напишаа афоризам под наслов „Ја сакам турската поезија затоа што...“. Афоризмите на минатогодишните прослави Групата за турски јазик и книжевност ги собра во еден напис што се презентира на 26. Меѓународен симпозиумот на турската култура во мај 2024 година во Валандово и се објави во Зборник на трудови. И овогодишните афоризми ќе бидат инспирација за следен напис.
По програмата студентите од Групата за турски јазик и книжевност и студентите од Турција кои студираат на Универзитетот „Гоце Делчев“ пиеја турски чај во Турското катче на Институтот „Јунус Емре“ во рамките на УГД.