На Филолошки факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип денес се одржа гостинско предавање на проф. д-р Далибор Соколовиќ од Филолошки факултет при Универзитетот во Белград.

Предавањето беше посветено на словенските стандардни јазици, со посебен акцент на јужнословенските и западнословенските јазици, во рамките на теоријата на стандардните јазици, позната и како стандардологија.

Настанот го најави и значењето на предавањето го истакна проф. д-р Игор Станојоски од Филолошки факултет при УГД, кој посочи дека ваквите академски средби се од особена важност за студентите и за продлабочување на научната соработка.

„Денес имаме исклучителна чест да ни гостува проф. д-р Соколовиќ од Филолошкиот факултет во Белград, кој ќе одржи предавање на тема словенските стандардни јазици, односно ќе зборува најмногу за јужнословенските и западнословенските јазици. Конкретно, неговото предавање е поврзано со една гранка на социолингвистиката која се нарекува теорија на стандардните јазици или, популарно во денешно време, стандардологија. Предавањето е посветено на словенските јазици и ќе биде интересно за нашите студенти, особено од Катедрата за македонски јазик и книжевност, но и за студентите од другите катедри“, изјави проф. д-р Станојоски.

Гостин-професорот од Белград, проф. д-р Далибор Соколовиќ, во својата изјава нагласи дека ова предавање претставува почеток на една поширока и поквалитетна соработка меѓу двата факултета.

„Ова е почеток на соработката, која засега не е долга, но чувствувам дека ќе биде квалитетна, благодарение на контактот со професорот Станојоски преку различни словенски настани. Во претходниот период се најдовме на исти фреквенции и решивме прво да започнеме со размена и да работиме на размена на студенти и на заеднички проекти во рамките на европските билатерални програми“, истакна Соколовиќ.

Тој додаде дека соработката ќе придонесе за поголема мобилност на студентите и професорите, како и за создавање нови академски идеи. „Со нетрпение и возбуда сум тука со вас. Очекувам дека барем еден или двајца студенти ќе размислат за она што го кажав, а потоа ќе направат нешто и ќе работат на тоа да им помогнат и на професорите тука, и нам во Белград, или пошироко – на славистите. Каде што има размена, таму има и создавање нови идеи, без разлика дали тоа е во рамките на Еразмус програмата или некои други иницијативи – сè зависи од тоа колку инвестираме и колку сакаме да работиме“, нагласи проф. д-р Соколовиќ.

Гостинското предавање беше посетено од студенти и наставнички кадар, а се очекува ваквите активности да прераснат во континуирана академска и научна соработка меѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот во Белград.

 

Технички секретар

Јулијана Денкова
Тел: +389 32 550 150
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

 

Студентски прашања

Штип - Влатко Берковски

Тел: +389 32 550 068

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Секретар

Виолета Шаклева

Тел: +389 32 550 021

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.