Меѓународниот ден на книгата и авторското право, 23 април, Катедрата за македонски јазик и книжевност, заедно со катедрите за англиски јазик, германски јазик и италијански јазик и книжевност, го одбележа со работилница која ги поврза поезијата и преводот, односно препевот.

- Го одбележуваме Меѓународниот ден на книгата и авторското право на еден интересен начин. Направивме една симбиоза помеѓу книжевноста и преводот, односно сакавме на еден начин да ги поврземе нашите гости, поетесите Сузана Мицева, Катерина Панов-Кожаров и Маја Крстевска-Коларова, нивните поетски светови да ги доближиме до студентите и до средношколците, а од друга страна, да се одвива и работилница за превод на нивните стихови. Тоа е нешто што нашите студенти го учат на катедрите за странски јазици, меѓутоа е многу специфична активност кон која ретко кој од преведувачите се приклонува да ја направи. Зошто? Заради тоа што преводот на поезијата не подразбира буквално пренесување на зборовите од еден на друг јазик, туку е нешто многу покомплексно. Станува збор за препев, а препевот е новата душа на поезијата. Ние имаме прекрасни примери во македонската книжевност, тука се брилијантните препеви на покојниот професор Ѓорѓи Сталев, на Прличевиот „Сердарот“, на Хомеровата „Илијада“ на професорот Михаил Д. Петрушевски од старогрчки јазик, професорката Љубинка Басотова од латински на македонски ја преведе Вергилиевата „Ајнеида“, така што имаме навистина прекрасни примери на препеви, како поезијата напишана на јазик сосема далечен од македонскиот, па и на мртвите јазици, може да прозвучи на еден словенски јазик, како што е македонскиот. Сакаме студентите на некој начин да ги воведеме во светот на преводот, па можеби еден ден да бидат идните препејувачи на поезија – изјави проф. д-р Ана Витанова-Рингачева.

Ваквите интерактивни форми на третирање на проблематиката на македонскиот јазик се еден од начините да се стави акцент на потребата од негово изучување, наспроти тенденцијата на популаризирање на странските јазици.

- Тоа е на некој начин стапица, може да се каже и незнаење, кое се наметнува како наратив уште од најмала возраст, во смисла родителите многу често знаат да кажат – го пуштам детето да учи англиски, германски, италијански, а македонски јазик си знае, нема потреба да учи... Понекогаш и не се посветува доволно внимание на предметот Македонски јазик, но тоа е сосема погрешно. Заради тоа што едно е да се знае македонскиот јазик како мајчин јазик, да бидам говорител на мојот мајчин јазик, тука огромни влијание имаат дијалектите, заради тоа што ние сите потекнуваме од различни места. Меѓутоа, изучувањето на македонскиот јазик не подразбира изучување само на граматичките правила, само на правописот, подразбира и навлегување во суштината на јазикот, а тоа може да се случи само доколку децата читаат и ќе успеат светот на книгата да го доживеат во себе, внатре, длабоко. Тоа значи дека додека читаат книга на македонски јазик, истата ја доживеат и создадат свој креативен свет – вели Витанова-Рингачева.

Технички секретар

Јулијана Денкова
Тел: +389 32 550 150
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

 

Студентски прашања

Штип - Влатко Берковски

Тел: +389 32 550 068

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Секретар

Виолета Шаклева

Тел: +389 32 550 021

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.