-
Создадено: Среда, 28 Март 2018
Филолошкиот факултет во Штип го објави четвртиот број од меѓународното научно списание „Палимпсест“ во печатена и во електронска (http://js.ugd.edu.mk/index.php/PAL) форма.
Во четвртиот број на „Палимпсест“ се објавени научни и стручни трудови, вкупно 21, во петте постојани рубрики (Јазик, Книжевност, Култура, Методика на наставата и Прикази) од автори од Македонија и од странство: од Македонија (Светлана Јакимовска, Семина Бекир, Марија Леонтиќ, Славчо Ковилоски, Ранко Младеноски, Данче Стефановска, Ивона Стојановска, Стојанче Костов, Петар Намичев, Екатерина Намичева, Виолета Димова, Лилјана Јовановска, Марија Кусевска, Виолета Јанушева, Марија Гркова), од Италија (Марко Мазолени, Габриеле Отовиани, Ана Стефановска, Џовани Гвалдани, Николета Лепри), од Хрватска (Лорена Лазариќ), од Полска (Агнешка Јужвјак), од Германија (Оливер Хербст), од Канада (Кристина Е. Крамер) и од Брегот на Слоновата Коска (Конан Кофи Синтор).
Во предговорот кон четвртиот број нa „Палимпсест“ проф. д-р Нина Даскаловска, уредник во списанието, нагласува: „Палимпсест е вистинско меѓународно списание од најмалку три причини. Прво, се прифаќаат трудови на седум јазици: македонски, англиски, италијански, француски, германски, руски и турски. Второ, Уредувачкиот одбор е составен од 30 уредници, сите универзитетски професори, од 17 земји не само од Европа туку и од други делови на светот. Трето, трите претходни броеви на „Палимпсест“ содржат трудови од автори од многу различни земји кои придонесуваат за разноликоста на истражувањата, теоретските перспективи и гледиштата“.
Инаку, меѓународното научно списание „Палимпсест“, чиј Уредувачки одбор веќе интензивно го подготвува петтиот број, се објавува во електронска и во печатена форма во два броја годишно. Во списанието се објавуваат трудови од областите лингвистика, наука за литературата, методика на наставата и културологија. Исто така, резервирана е и рубрика за прикази, односно за рецензии за најновата продукција (книги, монографии и слично). Во „Палимпсест“ се објавуваат трудови на седум јазици: македонски, англиски, руски, германски, италијански, француски и турски јазик. Уредувачкиот одбор на списанието е составен од 30 уредници (универзитетски професори) од 17 земји: Македонија, САД, Русија, Италија, Велика Британија, Германија, Франција, Швајцарија, Романија, Унгарија, Турција, Индија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Словенија и Србија.